Едно ново истражување покажува дека и генетиката може да има улога кога еден пар ќе го добие своето прво дете.

Истражувачите од Универзитетот Оксфорд откриле 12 специфични делови во ДНК за кои веруваат дека се поврзани со возраста на која ќе го добиеме првото дете, како и вкупниот број на деца што ќе ги имаме.

Меѓу другото, наодите покажуваат дека жените кај кои постојат варијации во ДНК за одложување на родителството, исто така имаат и делови во ДНК кодот кои се поврзани со доцен почеток на менструацијата и подоцнежна менопауза. Откриено е исто така дека варијациите во ДНК поврзани со возраста на раѓање се поврзани и со други фактори за репродуктивен и сексуален развој, како на пример со возраста кога мутира гласот кај момчињата, како и периодот кога жените ја чувствуваат менопаузата. Гените исто така може да ја предвидат и веројатноста дали жената нема да има деца.

Авторите истакнуват дека „Подоброто сфаќање на функцијата на овие гени може да обезбеди нови сознанија за тоа како да се третира неплодноста“.

За да ги идентификуваат овие гени, истражувачите анализирале 62 бази на податоци од 238.064 мажи и жени, за возраста кога го добиле првото дете и податоците за скоро 330.000 мажи и жени за бројот на деца што ги имаат.

Истражувачите нагласуваат дека времето кога еден пар ќе го добие своето прво дете, како и вкупниот број на деца што евентуално ќе ги има, сѐ уште во голема мерка зависи од општествените и други фактори во средината. Тие пресметале дека варијациите во 12-те делови од ДНК заедно, предвидуваат помалку од еден отсто од тајмингот кога мажите и жените ќе го добијат своето прво дете и вкупниот број на деца што ќе ги имаат. Сепак, ваквиот увид во влијанието на генетиката може да помогне да се даде одговор на прашањето колку еден пар може да чека пред да почне да заснова семејство