Додека Оливер Спасовски си брка тендери и политика, Република Македонија, за жал, е претворена во крвава арена, рече на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Полицијата ја нема на терен, а граѓаните се незаштитени. Речиси да нема викенд, а да не се случи сериозен грабеж, убиство или некој голем инцидент. Синоќа јавноста повторно беше вознемирена од уште едно грозоморно убиство во Ѓорче Петров. Човек беше застрелан со еден куршум во глава во близина на касарната. Ова е класична ликвидација. ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека безбедносната ситуација ќе се влошува заради неспособноста на министерот Спасовски и коалицијата со криминалците на СДСМ. Ова убиство е уште еден доказ за тоа дека криминалот владее на улиците, рече Ѓорѓиевски.

Неспособниот министер Спасовски, додаде тој, МВР го претвори во статистичка институција за нотирање на убиства, грабежи, сомнителни пожари и насилства.

– Случаите остануваат или неразрешени или убијците никогаш не се пронаоѓаат. Да се потсетиме дека слична ваква мафијашка ликвидација се случи на улица „Рузвелтова“ кога беа убиени две лица. Патем еден од убијците на младиот Саздовски сеуште не е достапен на правдата. Полицијата се уште трага по убиецот на Мартин Јанушев. Убија дете на автобуска постојка во Чаир, го ликвидираа Дилавер Бојку Леку во неговиот локал, беа опожарени десетици автомобили и уште стотина други слични вакви случаи. Уште колку убиства сред град треба да се случат, за Оливер Спасовски да си поднесе оставка. Се додека тој е на врвот на МВР криминалците ќе се чувствуваат охрабрени и  заштитени. Црнилата и крвавите викенди се резултат на тоа што Спасовски е крајно неспособен, и тоа мора да престане. Тој треба да замине за да дојде редот и мирот за нашите граѓани, беше речено на прес-конференцијата.