Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, објави видео од разговорот со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио.

Видеото премиерот го објави на својот профил на Фејсбук, со кратка порака: „Разговор со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио. Македонско-американско стратешко партнерство.“

Мицкоски и Рубио неодамна разговараа за билатералните односи и натамошното продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД.

МИЦКОСКИ СО РУБИО: Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека во Њујорк разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио оценувајќи ја средбата како значајна за натамошното зајакнување на македонско-американските односи.

„Во Њујорк разговарав со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио. Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“, објави премиерот.

„Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник“, наведе Мицкоски.

Во објавата премирот се осврна и на актуелниот геополитички контекст, посочувајќи дека во период на сериозни предизвици силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници имаат особено значење.

Тој порача дека Македонија има јасно дефинирани државни интереси и дека продолжува да ги застапува „достоинствено и принципиелно“ во соработка со своите стратешки партнери.

„Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“, порача Мицкоски.