Непрекинатото паѓање на снегот предизвика големи проблеми во повеќе европски земји, а прогнозите се дека снег ќе паѓа до петок.

Во повеќе делови од Австрија е прогласен највисок степен на опасност од лавини. Се очекува снежната покривка да нарасне од 80 до 150 сантиметри во некои покраини, а на планините и до три метри.

Најмалку 14 лица загинаа во овие временски непогоди во Европа.

Повеќедневните врнежи од снег во Австрија предизвикаа големи проблеми за властите, од откажување на летови на аеродромите до затворање на патишта и блокади на некои места.

Снегот создава големи проблеми и во Германија.

Во Баварија, каде што во некои области е прогласена вонредна состојба, многу жители се отсечени од останатиот дел од земјата, а стотици се заробени во куќите, објавуваат хрватските медиуми.

Се очекува снегот да продолжи да паѓа и денеска и утре.

Проблеми имаат и скијачките центри, а некои ја стопираа работата бидејќи поради висината на снегот не се во можност да ги уредуваат патеките.

Контролираното активирање на лавини е можно само во одделни случаи зашто временските услови ги ограничуваат потребните летови.

Поради големите навеви, во покраината Тирол, приближно 1.000 домаќинства останаа без струја, откако дрвја под тежината на снегот паднале врз далноводи.

Во покраината Салзбург, во регионот Селктал, одсечен од остатокот од земјата, спасувачки екипи тргнаа да се пробиваат низ снегот за да достават неопходни лекови.

Во Санкт Коломан 11 туристи, кои повеќе денови беа заробени во куќичка во планината, се извлечени од снежната опсада.

Метеоролозите прогнозираат дека снегот ќе паѓа до крајот на неделата и се очекува снежната покривка да нарасне од 80 цм до 1,5 метри во покраините Ворарлберг, Тирол, Салзбург и во планините на Горна Австрија и Штаерска, а на планините на некои места да достигне и до три метри.

Машиновозач спаси дивокоза

Машиновозач го запрел возот во централна Австрија, во близина на национален парк, откако забележал дека од снегот сосема малку се гледаат роговои од дивокоза. Возот се повратил малку назад, а двајца мажи со лопати внимателно го извадиле животното од снегот.

Дивокозата откако била ослободена од длабокиот снег пуштена е повторно во дивината, а видеото од спасувањето погледнете го подолу.

 

 

Hurra die Gams!

Auch das kann Schneeräumung sein ?© ÖBB/Gottsbacher

Gepostet von Österreichische Bundesbahnen (ÖBB) am Mittwoch, 9. Januar 2019