Имала ли министерката за финансии интерни информации дека Еуростандард ќе пропадне за да си ги извади парите навреме? Нина Ангеловска ги повлекла парите од Еуростандард во јануари и јуни годинава, односно последната промена е направена само два месеца пред Народната банка да и ја одземе дозволата за работа на банката, објави ТВ Алфа.

Како што јави ТВ Алфа, кога стапила на функцијата Ангеловска имала девизен влог од 51.232 евра и депозит во вредност над 12 милиони денари. Кога станала министерката во техничката влада, на 21-ви јануари пријавила дека повлекла 8 милиони денари кои ги вложила во инвестициски фонд. Последната промена е направена на 24-ти јуни. Таа во меѓувреме купила и стан од над 70 квадрати, објави телевизијата.

Антикорупциската омисија ќе отвори предмет за министерката Ангеловска. Истрагата треба да покаже дали Ангеловска располагала со претходни информации кои влијаеле на тоа таа да ги повлече нејзините пари од банката навреме. Имено, таа во март и почетокот на мај, била на состаноци на Комитетот за финансиска стабилност со кој претседава гувернерката на Народната банка. Антокорупциска тврди дека подолг период траеле обидите за санација на банката, па треба да се истражи дали Ангеловска имала целосен увид во финансиската состојба на Еуростандард.

Вчера од кабинетот на Ангеловска од Министерството за финансии објавија соопштение во кое негираа дека министерката во заминување подигнала штеден депозит од Еуростандард банка пред таа да ја изгуби дозволата за работа.