Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидимија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за коишто нема да биде доставен картон за вакцинација.

-Вакцинацијата е задолжителна. Во прво одделение нема да можат да се запишат деца кои не се вакцинирани. Закон за основно образование член 46, став 2 е јасно, рече Бошњаковски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за одлуките од редовната седница на Владата.

Бошњаковски потсети дека поради состојбата со морбилите Владата прогласи епидемија на територија на целата држава. Тој информира дека теренската вакцинација на Министерството за здравство се спроведува според планираната динамика и оти во тие активности има координација со Министерстовто за образование.

-Мора да го подигнеме степенот на имунизација на сите граѓани во РС Македонија со цел да ја спречиме епидемијата на морбили. Ова се мерки коишто се спроведуваат и нема отстапување од нив, наведе Бошњаковски.

Истовремено потенцираше дека основното образование е задолжително и оти децата треба и ќе одат на училиште.

МЗ: Задолжително потврди за вакцини при упис во училишта и градинки

Министерството за здравство соопшти дека во Службен весник од 30 април се објавени измените и дополнувањата донесени од министерот за труд и социјална политика на правилникот за водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој, со кој сега се прецизира дека при упис на дете во градинка, задолжително се приложува потврда за неговиот вакцинален статус, и без оваа потврда тоа не може да биде запишано во предучилишна установа.

Од Министерството напоменуваат дека во потврдата треба да стои дека детето ги примило сите вакцини кои се предвидени според вакциналниот календар.

За децата кои се запишуваат во прво одделение во основните училишта, во мај, за следната учебна година, при запишувањето, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Станува збор за обврска пропишана со член 46 став (2) од Законот за основното образование. Здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини. Потврдите кои се приложуваат при упис на дете во основно училиште се издаваат во здравствените домови, каде има вакцинални пунктови и тие се бесплатни, посочуваат од Министерството.

Истакнуваат дека на територијата на државава во моментов е прогласена епидемија на морбили и потсетуваат дека е задолжително вакцинирањето со МРП вакцина, како и останатите вакцини предвидени според вакциналниот календар.