Владата на денешната 11-та седница ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт.

Исто така донесена е забрана за групирање во домови на семејни прослави, како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22:00 часот, при што заклучи дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

Како што се наведува во соопштението од владината седница, Комисијата за заразни болести предложи задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема (бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата), секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, со исклучоците кои опфаќаат спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст, потоа за забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе, како и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

– Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел  спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести, се наведува во соопштението.

На седницате е разгледана и усвоена Информацијата за склучување на Договор за преземени обврски помеѓу Владата  и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС механизмот  за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација, и е прифатен текстот на Обврзувачкиот договор за набавка на вакцините.

– Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС механизмот за пристап до безбедни и ефективни вакцини за COVID-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација, се додава во соопштението.