Владата на вчерашната седница одлучи да нема полициски час, откако Комисијата за заразни болести во понеделникот достави предлог до Владата за полициски час во местата каде има најголем број заболени.

Наместо тоа, ги задолжи МВР и инспекторатите да вршат засилени контроли во подрачјата со поголем број новозаболени од коронавирус. Владата исто така одлучи секој што ќе ја прекрши мерката за изолација ќе биде санкциониран со државен карантин.

Засилени контроли и мониторинг ќе се вршат во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовските општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.

Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.

Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

Владата исто така одлучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин, заклучи Владата.

– Доколку некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата на С. Македонија, за што МВР донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице, се вели во владината Уредба.

Министерот за здравство Венко Филипче во понеделникот на прес-конференција рече дека непочитувањето на мерките за заштита го донесе овој втор бран на коронавирусот во земјава. Тој посочи дека кластерската анализа покажала дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир или прослава во периодот околу 23, 24 и 25 мај, односно точно пред две недели, а на што укажала деталната анализа во епидемиолошките прашалници.

Апелира до граѓаните да се почитуваат мерките, до надлежните институции за контрола во спроведувањето на мерките, заради тоа што секое прекршување мора да се детектира и да се санкционира.

Граѓаните на сите општини во градот Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце беа во 80-часовен карантин од 4 јуни (минатиот четврток) од 21 часот до понеделникот (8 јуни) до пет часот наутро, поради големиот број заболени од коронавирус во овие места.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вчера изјави дека се уште е рано да се донесе одлука за отворање на аеродормите. – На оваа тема се разговара, но се уште е рано да се донесе одлука, рече Сугарески.

Со одлука на Владата, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, од 15 март на полноќ е затворен аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а од 18 март на полноќ и Меѓународниот аеродром Скопје.