Владата на денешната редовна седница го разгледа и прифати Националниот план за Ковид-19 вакцинација во Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.
Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани.
Фазите, како што појаснуваат од владината прес-служба, ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.
– За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови, се вели во соопштението.
Националниот план, појаснуваат, опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.
Како што претходно информираа од Владата, веќе сме имале фрижидери за чување на вакцините, сега се чека уште вакцини да добиеме.