На нашиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се закити со сребрен медал во дисциплината теквондо Дејан Георгиевски ќе му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари, одлучи Владата на Република Македонија на денешната редовна 92-ра седница.

Како што соопштија од владината прес-служба, со одлуката парична награда ќе добие и неговиот тренер Дарко Костовски на кого ќе му бидат доделени 600.000 денари.

Освојувачот на сребрениот медал во теквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Тренерите на Георгиевски се откажаа од паричната награда која Владата одлучи да им ја додели ним.

-Владата доделила 20.000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10.000 евра за тренерите. Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост. За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал (со златен сјај), пишува на Фејсбук, Дарко Костовски.