Македонскиот симбол од првото знаме на независна Република Македонија, Сонцето од Кутлеш, од денеска не смее да стои на ниту еден споменик, ниту пак институција или јавно место. Тоа е „запечатено“ во Договорот со Грција.

За периодот од шест месеци од стапување во сила на Договорот, кој инаку истекува денес, власта се обврза симболот од Вергина да биде тргнат, а на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација.

-Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба, стои во чл.8 од Договорот.

Владата на седница на 4-ти јули побарала надлежните институции да достават информација за спомениците, јавните и другите инфраструктурни објекти чии имиња се дел од античката хеленска култура и цивилизација, во чија надлежност се тие во однос на поставувањето и одржувањето и кој е носител на авторските права, доколку станува збор за уметнички дела.

На 13 февруари или на само еден ден од стапувањето во Сила на Договорот дел од институциите веќе почнаа да ги спроведуваат одредбите. ЈП „Водовод и канализација“ први почнаа со спроведување па го отстраниле тепихот со симболи од директорскиот кабинет, а потоа и неколку слики со иста тематика.

Пред само два месеца на спортски натпревар во Струмица навивачката група Комити влезе во конфликт со обезбедувањето поради веењето знаме со симболот од Кутлеш.

Нејасно е како власта ќе ја забрани употребата на Сонцето од Кутлеш. Дали освен спомениците, овие обележја ќе мораат да се тргнат и од фасадите на домовите, спортските сали, цркви но и дали и натаму граѓаните ќе можат да ги веат знамето со симболот од Вергина. Ќе се тргнат ли и сувенирите за домашните и странски туристи кои го имаат симболот?

Неизвесно е што ќе се случува и со неколку општини. Во амблемот на Oпштина Македонска Каменица во целост го има Сонцето од Кулеш, во Виница целиот плоштад е поплочен со црвено-жолти бекатон плочи кои го претставуваат сонцето…И во грбот на Oпштина Могила изгразен е токму овој симбол, пренесува Алфа ТВ.