Во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола и со благослов на митрополитот г. Петар, се одржа концерт на византиско црковно пеење.

На годинешниот трет по ред концерт настапија повеќе црковни хорови, односно, византискиот хор „Св. Ахил Преспански“ од Ресен, византиски хор „Архимандрит Калистрат Зогравски“ од Струга, византискиот хор „Св. Нектариј Битолски“ од Битола и женскиот  црковен хор „Св. Макрина“ од  Битола.

Во рамки на фестивалот се одржа промоција  на музичкото ЦД на женскиот хор „Света Макрина“, при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола, и за  прв пат на фестивалот настапи состав на уметници кои исполнија инструментална византиска музика.

Во предвечерието на празникот на Рождество на Мајката Божја, Пресвета Богородица, митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи празнична Вечерна богослужба во манастирот посветен на овој празник, во село Новаци.

– Овој ден е Господов, радувајте се луѓе, зашто, ете, палатата на Светлината, и книга на Словото на животот, од утробата произлезе и, вратата која е на исток, откако се роди, го чека влегувањето на Големиот светител, единствената која единствено го воведува Христа во вселената, заради спасение на душите наши, истакна митрополитот г.Петар пред верниците во Новаци.