Вечерва ќе бидат соопштени бројот на новозаразени од Ковид-19 и бројот на освоени гласови на „безбедните избори“ за градоначалник на Пласница и Штип.

Денеска во СВР Штип во 10:25 часот било пријавено од член на Избирачки одбор дека на гласачкото место 2.276 во штипската детска градинка „Вера Циривири Трена“ лица на возраст од 72 и 67 години гласале на ова гласачко место иако биле позитивни и биле во списокот за изолација од КОВИД-19.

На списокот за изолација се од 12 декември 2020. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека известен е јавен обвинител по чија насока по комплитирање на случајот против лицата ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Претседателката на Општинската изборна комисија, Сенка Андреева вели дека процесот на гласање на гласачкото место не е прикинат и при најмал сомнеж дека е загрозен процесот на гласање се праќа екипа од Центарот за јавно здравје да направи дезинфекција. До 13 часот излезноста во Штип е 16.61 проценти од вкупниот број на избирачи или гласале 6.938 граѓани на 77 избирачки места.