Германското биро за миграција и бегалци (БАМФ) го објави вчера извештајот за 2016 и 2017 година според кој само во тие две години од Хрватска во Германија се доселиле 110.526 хрватски државјани.
Како што пишуваат повеќе хрватски медиуми, во 2016 г. во Германија се доселиле 57.476 хрватски државјани, а во 2017 г. 53.050 Хрвати. Според тоа во 2017 година, првпат по 2006-та бројот на хрватски државјани кои се иселиле во Германија паднал во однос на претходна година.
Во 2006 година во Германија се доселиле 8.543 хрватски граѓани и од тогаш бројот расте од година во година, а особено се зголемил во 2013-та, кога Хрватска влезе во ЕУ и кога изнесуваше 25.200 иселени.
Бројот на хрватски државјани кои се иселуваат во Германија уште еднаш нагло е зголемен во 2015 година, кога Германија ги укина сите пречки за пристап на нејзиниот пазар на трудот за хрватски граѓани и кога тој број изнесуваше 57.412 иселени.
Од влегувањето на Хрватска во ЕУ нагло е зголемен и бројот на хрватски државјани кои примиле германско државјанство, што може да се објасни со фактот дека Германија за граѓаните на ЕУ дозволува двојно државјанство.
Во 2017-та 2.896 хрватски граѓани примиле и германско државјанство, при што 100 проценти го задржале и хрватското државјанство.
Од земјите на ЕУ, според бројот на преселени, Хрватска во 2017-та е на четвртото место позади Романија, Полска и Бугарија.