Криминалниот картел на Зоран Заев неконтролирано ја задолжува државата и ги води граѓаните на Македонија кон должничко ропство. Вчера владата на СДСМ повторно ги задолжи граѓаните за нови 45 милиони евра, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

– Македонската економија е пред колапс, а граѓаните се на работ на егзистенцијата. Криминалниот картел на власт предводен од Заев неконтролирано ја задолжува државата и ги води граѓаните на Македонија кон должничко ропство. Вчера владата на СДСМ повторно ги задолжи граѓаните за нови 45 милиони евра. СДСМ ветуваше дека ќе го намали државниот долг, но откако е на власт јавниот долг ја премина границата од 5 милијарди евра додека државниот долг ја помина границата од 4 милијарди евра.  И ова ветување како и останатите ветувања на СДСМ се испостави дека уште една шарена лага, се вели во соопштението.

Натаму се додава „додека црното економско трио Заев, Тевдовски, Анѓушев неконтролирано ги задолжува граѓаните, реализацијата на капиталните проекти е на очајно ниво“.

– За првите осум месеци од годинава изнесува срамни 23,33 проценти. Нема нови проекти, а реализацијата на оние проекти  кои се наследени од ВМРО-ДПМНЕ е стопирана. Криминалните грантови и тендери доделени на високи партиски и државни функционери и открија на јавноста за што се трошат милионите од задолжувањето на државата. Додека платите и пензиите стагнираат, трошоците за живот на граѓаните од ден во ден се се поголеми. Цените на нафтата вртоглаво растат како резултат на зголемената акциза на нафтата, а дополнителните буџетски средства собрани директно од џебот на граѓаните СДСМ ги потроши за скапата пропаганда за капитулантскиот договор за промена на името, се вели во соопштението.

Паралелно со финансискиот грабеж, кој го спроведува СДСМ, се додава натаму, Заев се обидува да истурка и досега невиден во светот идентитетски грабеж, формално правно олицетворен во капитулантскиот договор од Преспа.

– Заев свесен дека неговата политичка кариера е завршена, започна со распродажбата на националните и државните интереси. Се обиде на македонскиот народ да му го одземе името, јазикот, историјата, идентитетот, но не успеа. Граѓаните кажаа не на неговите политики, не на криминалот, не на капитулантскиот договор со Грција. 1.2 милиони граѓани во еден глас кажаа Македонија ќе победи, се вели во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, одговара дека „нервоза во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, заглавени во барањето амнестија за Груевски прогласија над 600.000 граѓани за нерелевантни“.

– Нервозните реакции на раководството на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека опозициската партија се уште е заглавена во поразената матрица на Никола Груевски и барањето амнестија за криминалот. Фокусирани на барање амнестија, Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ целосно го загубија правецот на делување и недозволиво омаловажија над 600 илјади граѓани, прогласувајќи ги за нерелевантни. Нема ништо порелевантно од волјата на над 600.000 граѓани. Граѓаните се најважни, се вели во реакцијата на СДСМ, кој пак не ја споменува волјата на 1,2 милиона граѓани кои го бојкотираа референдумот.

Натаму се додава дека „волјата на граѓаните на референдумот е јасно изразена, граѓаните се за иднина на Македонија во ЕУ и НАТО“.

– Над 600.000 граѓани кажаа дека се за напредок и интеграција. Сите пратеници, сите политички партии треба да ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани и треба да се вклучат во процесите за членство во ЕУ и НАТО, се вели во соопштението од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.

Во врска со честите обвинувања од СДСМ за барање амнестија, деновиве, во ТВ интервју, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коалициониот партнер на СДСМ, рече дека никогаш не слушнал дека ВМРО-ДПМНЕ барала амнестија.