Дали Јавното обвинителство од Струмица сакало да ја забошоти истрагата за убиството на младото момче од Ново Село затоа што трагите водат до структури блиски до власта, прашува во денешната реакција за овој настан опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Со денови, се додава во реакцијата, власта молчи, и повторно се обидува да забошоти убиство.

„Според информациите кои излегоа во медиумите, дури ЈО кој излегол на терен, извесен Златко Иванов, констатирал дека обдукцијата врз телото на убиеното момче била вршена нереално, односно било манипулирано со трагите од насилство. Но случајот тука завршил. Зошто и дали некој наредил во Судска медицина да биде изготвен таков извештај со цел случајот да се затвори како несреќа? Целиот случај е воден со големи пропусти. И индицира дека буквално се внимавало да не се дојде до некој. Ова е втор случај во кој власта се обидува да прикрива убиство, како што беше случајот со убиството на ракометарот Тот, се вели во соопштението.

Опозициската партија, го завршува соопштението со „премногу е“ од оваа власт и повикува на протест за промени на 18 јуни во 20 часот пред Владата.