Зоран Заев соочен со поразот кој му следи на изборите работи на сценарио за нивно одложување, бидејќи се плаши да се соочи со граѓаните на Република Македонија, реагира денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ за најавите на Заев.

– За овие три години СДСМ и Зоран Заев направија невиден грабеж на државата и граѓаните, ги продадоа државните и национални интереси, а целото нивно владеење е проследено со скандали, рекет, афери, криминал и корупција. Поради тоа, свесни за поразот, но и крајот на политичката кариера, Заев очајно бара алиби со кое ќе ги одложи изборите и ќе избега од соочување со народот. Првиот обид на Заев за бегање од избори му беше ратифкацијата на протоколот за НАТО, кој веднаш беше разобличен од ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш потоа Заев се впушти во втор обид во кој поднесе стотици закони до Собранието помеѓу кои и закон за промена на изборниот законик за кој нема политички консензус со очигледна намера да креира криза и да го блокира Собранието на Република Македонија, се вели во реакцијата.

Дека законите му се само алиби, се додава во соопштението, говори и неговата пазарџиска изјава во која побара сите закони да бидат прифатени во спротивно немало избори.

– Како потврда на целото сценарио на Заев говорат и масовната партизација на државните институции, незаконската систематизација во МВР и укинувањето на единицата АЛФА, додека во исто време се презадолжува државата и се амнестираат кодошите виновни за црната страна на комунизмот. Заев е исплашен човек. Во страв од пораз на сите можни начини панично се обидува да креира хаос и да ја втурне државата во криза, само за да не се соочи македонските граѓани. Реалноста е дека помина времето на Зоран Заев, никој повеќе не паѓа на неговите игри и манипулации. Затоа Заев ќе мора да се соочи со граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ. Избори ќе има, а Заев и СДСМ ќе бидат испратени на темната страна на историјата и конечно ќе започне Обновата на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението.