ВМРО-ДПМНЕ по формирањето на владата се обврзува на обнова на Македонија во сите сфери во општеството, со цел подобрување на животот на граѓаните, соопшти денеска партијата.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди зголемување на просечна плата во државата за цели 25% за еден мандат, зголемување на просечната пензија на пензионерите за +20% во еден мандат односно повеќе од 3.000 денари за секој еден пензионер. ВМРО-ДПМНЕ преку новите мерки предвидува невработеност под 10% и 0% персонален данок за младите до 29 години. Владата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на рамен данок од 8%. Ќе има обнова која ќе донесе раст на БДП за повеќе од 4% годишно. Две милијарди евра инвестиции во патишта. 150 километри експресни патишта, енергетска обнова на домовите на граѓаните и гасификација на целата држава со бесплатни приклучоци за гас за секое домаќинство. Изградба на нови 20 и реконструкција на повеќе од 50 училишта. Поголеми примања за Универзитескиот кадар, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи. 4 нови клинички центри и редица други проекти кои што се дел од Проектот наречен „Обнова на Македонија“, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ, се додава натаму, има стратегија, методологија, визија по кои ќе работи чесно и честито.

– Гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за обнова, а гласот за СДСM е глас за криминалот кој мора да биде поразен. СДСM ќе остане партија заробена од Заев и Шекеринска кои се последните остатоци на криминалната транзиција. За спас на Македонија, на 12-ти април транзициските криминалци мора да бидат казнети за штетите кои ги направија, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.