СДСМ пушта лажни соопштенија со цел да ја прикрие незаинтересираноста на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и на заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, за справување со загадениот воздух, реагира денеска опозициската ВМР-ДПМНЕ.

– Вчера Шилегов и Макрадули кои за огромната плата што ја добиваат токму од народот повеќе сакаат да си дремнат или да си поиграат игри наместо да решаваат проблеми. Заев, Шилегов и Макрадули пред изборите ветуваа итни краткорочни, но и долгорочни мерки со кои ќе се намали загадувањето. Но откако дојдоа на власт, спроведоа само една единствена мерка „Исклучување на мерни станици“, се вели во реакцијата.

И додека граѓаните се гушат во загаден воздух, се додава натаму, СДСМ покажуваат дека се незаинтересирани и неспособни да го намалат загадувањето.

– Повеќе пари се издвојуваат за луксузирање отколку на мерки и борба против аерозагадувањето во државата и во главниот град. Народот не заслужува ваква власт која не се грижи за нивните животи, се вели во реакцијата.