Зоран Заев, синонимот за лаги и дезинформации, се обидува да воведе цензура на медиумите кои не размислуваат како него, реагира ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција на премиерот Зоран Заев за акцискиот план за наводна борба против лажни вести.

– Денешната прес конференција е само уште една потврда дека слободата на говор во Македонија е загрозена, а медиумите се соочуваат со уцени, закани и цензура од власта. Ако сака да знае што се навистина “лажни вести“, еве ќе го потсетиме: Лажна вест и дезинформација е дека Зоран Заев не знае кои се Кики и Фрики. Лажна вест и дезинформација е дека Курто Дудуш не малтретирал и не навредувал сограѓанин. Лажна вест и дезинформација е дека генералниот секретар на Заев не учествувал во незаконски разговори за тендер тежок 7 милиони евра. Лажна вест и дезинформација е изјавата на Заев дека Македонија лани во јуни доби датум за почеток на преговори. Лажна вест и дезинформација е дека Заев додека дише нема да го смени уставното име и дека ќе го штити идентитетот и жицата македонска. Лажна вест и дезинформација е дека Заев ќе обезбедел економски раст од 5-7% на годишно ниво. Лажна вест и дезинформација е дека Заев ќе го намалел бројот на министерства во владата, се вели во соопштението.

Јасно е, се додава натаму, дека планот на лажгото Зоран Заев предвидува преку обвинувања за лажни вести да се покријат сите скандали, афери и криминали кои секој ден излегуваат.

– Зоран Заев со лаги и дезинформации дојде на власт. Секоја негова лага и дезинформација сега се открива. Затоа е Заев во паника и се обидува да ги заплаши и цензурира медиумите. Колку оваа однародена власт го зголемува притисокот врз својот народ и медиумите, толку повеќе и погласно ќе излегуваат на виделина сите нејзини криминали и коруптивни скандали. Гласноста на народот и јавноста ќе ги победи молкот и цензурата на власта. Лагите и дезинформациите ќе бидат совладани, кога најголемиот лажго Зоран Заев ќе стане минато и ќе си замине од власт, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.