Власта е во паника, притисоците и заканите се залуден обид да се всее страв кај народот, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

– СДСМ доби црвен картон од над еден милион и двесте илјади граѓани кои не излегоа на референдум или гласаа против договорот за промена на името. Власта е во паника. Нејзината капитулантска политика не поминува кај граѓаните и затоа се заканува и прибегнува кон вршење на притисоци. Залудни се притисоците и заканите преку сите полуги на власта, вклучително и правосудството кое го имаат запоседнато партиски послушници. Кога се работи за Република Македонија граѓаните немаат страв. Тоа е лекција која СДСМ очигледно допрва ќе треба да ја учи на потешкиот начин, се вели во соопштението.

Целата домашна и меѓународна јавност, се додава, е сведок на една лакрдија невидена во модерната историја на демократијата.

– Правосудните институции на чело со СЈО се користат за очигледен политички прогон против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, не само пред 5, 6 или 10 години, туку и пред скоро 20 години, дури и за работи во кои нема случај, додека за милионските криминал на сегашната власт остануваат без судска разрешница. СЈО е институција во рацете на власта за политички прогон на неподобните и тоа е непобитен факт, кој сите го гледаат. Покрај СЈО под целосна контрола е и ЈО. Примерите на очевиден криминал, каде Заев од позиција на премиер бара од фирмите да поткупуваат гласачи, тендерите во четири очи од ќерка директор на татко бизнисмен, милионските бизниси кои се доделуваат на ново формирани фирми без никакво искуство во областа и мноштво други сомнителни случаи за кои обвинителството не презема ништо се преседан во светската правна историја и ќе останат запишани како пример за партизирано правосудство, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев, се вели натаму, е поттикнувач, заштитник и покровител на криминалот во оваа држава.

– И затоа СДСМ одби предлог за нова независна обвинителска институција која ќе ги преземе постојните случаи од СЈО и професионално ќе ги истражи сите сомневања за криминал вклучително и последните афери на власта. Заев се плаши од правдата, Заев го штити криминалот. ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ваквите негативни преседани за македонското правосудство наскоро ќе бидат минато. Со враќањето на правната држава, судството ќе се ослободи од стегите, а секој кој извршил кривично дело, без разлика од кој дел од власта, извршна, законодавна или судска доаѓа за тоа и ќе одговара. Одговорност ќе има за сите. Република Македонија мора да биде држава во која правото ќе се почитува, а не злоупотребува, заклучува ВМРО-ДПМНЕ.