Поранешната министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денес зборуваше за животниот стандард, иако токму во времето кога СДС беше на власт граѓаните се соочуваа со двоцифрена инфлација и сериозно намалување на куповната моќ, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Тренчевска од СДСМ, која МИА ја пренесува интегрално.
По седум години политики кои го доведоа народот на работ на егзистенција, денес на СДС им пречат мерките што носат повисоки приходи и подобар стандард за граѓаните.
Владата, и покрај наследената празна државна каса од СДС и последиците од глобалната криза, спроведува политики кои даваат конкретни резултати.
Просечната нето-плата од 2024 година до денес е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6%, додека инфлацијата е стабилизирана.
Зголемени се пензиите, како и платите на здравствените работници, просветните работници и вработените во одбраната и полицијата.
Стапката на невработеност е намалена од 12,5% на 11,3%, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6% на 46,5%.
Економските показатели го потврдуваат напредокот. Македонија бележи раст на БДП од 3% во 7 последователни квартали и се вбројува меѓу побрзорастечките економии во Европа.
Овие резултати покажуваат дека економските политики на Владата носат конкретни придобивки за граѓаните и создаваат основа за натамошно подобрување на животниот стандард.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ




