ВМРО-ДПМНЕ ЗА ИНТЕРВЈУТО НА ЗАЕВ: Да имаше лице, ќе поднесеше оставка кога доби вето за преговори со ЕУ

/ 03.01.2021

Имотниот лист на државата е АСНОМ и референдумот од 1991 година, а Заев е шредерот кој го кине парче по парче имотниот лист, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на премиерот Зоран Заев.

Од партијата додаваат дека со Заев иднина е невозможна, исто како и ЕУ.

-Се што направи Заев е уништување, на она што со векови и децении е градено. Заев успеа за 4 години да ја урниса државата. Нема владеење на правото, има криминал и корупција. Нема квалитетно образование, имаме студентски домови кои прокиснуваат. Нема бесплатно здравство, имаме пациенти кои примаат терапија во иста просторија со починати лица, се наведува во партиското соопштение.

Од паријата велат дека Заев да имал малку лице ќе си поднесел оставка уште кога добивме вето за отпочнување на преговорите со ЕУ.

-Со ветото за ЕУ пропаднаа сите ветувања на Заев, тој тврдеше дека се решени сите прашања со соседите, а сега гледаме нови ултиматуми, но и дека ќе влеземе во ЕУ, а сега гледаме дека сме подалеку од ЕУ од кога било. Во ЕУ не се оди со скапи мотори, додека народот нема леб да јаде, додека секој 4 Македонец е на раб на сиромаштија, додека државата има долг од над 60% од БДП, додека имаме неодговорност за криминал и корупција, во случаи каде постои сомнение за вмешаност на врвот на власта. Со Заев ЕУ е невозможна мисија. Со Заев нема иднина, стои во соопштението на партијата.


Од истата категорија