Во Албанија, каде дневно во просек овој месец се регистрираат по 250 нови случаи со Ковид-19 или над 20 отсто од тестраните, денеска е регистрана најмладата жртва од опасниот вирус, јави дописничката на МИА од Тирана.

Станува збор за момче на 21- годишна возраст од Елбасан, кое е еден од четворицата починати пациенти во последното деноноќие. Меѓу нив е и познатиот албански професор доктор Елмаз Елези (86), поранешен директор на Инфективната клиника во Тирана.

Меѓу вкупно 469 починати до сега најмладата жртва беше 23-годишна девојка.

Денеска во Албанија е регистриран нов рекорд на новозаболени или 306 од тестираните 1.412 сомнителни случаи, што е околу 22 отсто од тестираните.

Загрижувачки е и бројот на оние на кои им е потребно болничко лекување. Од 7.621, колку што се активни на болеста, моментно во двете Ковид болници хоспитализирани се 260 пациенти, од нив 15 се на интензивна терапија, додека шестмина се интубирани.

Од почетокот на пандемијата, во првите денови на март тестирани се вкупно 114.381 лице, позитивен резултат е добиен кај 18.556, додека оздравеле 10.466 (71 во последното деноноќие).