Во Косово секој ден си заминува по еден лекар Во изминатите три месеци околу 90 лекари го напуштиле Косово и таа појава добива се пошироки размери, изразија загриженост во Лекарската комора на Косово, Синдикатот на здравство и косовските пратеници.

Претседателот на косовската лекарска комора д-р Пљеурат Сејдиу оцени дека доколку продолжи таквиот тренд на заминување лекари, тоа ќе има лоши последици за земјата.

– Ова е исклучително загрижувачки, и тоа без оглед на сите пречки за слободно патување и се плашам дека дојдовме до тоа по еден лекар дневно да го напушта Косово, истакна Сејдиу. Членот на парламентарната Комисија за здравство д-р Хаџи Авдуљи оценува дека таквата ситуација е резултат на лошото управување со здравствениот систем.

– Иако имаме најмал број лекари, лекарите немаат работа. Тоа покажува дека ние не знаеме кои лекари ни се потребни, кои специјализации треба да се одобрат, а тоа нас не чини многу поради губењето на голем потенцијал млади лекари, но и поради тоа што највиталниот дел на општеството бега, изјави тој.

Претставник на Министерството за здравство на Косово изрази надеж дека нацрт-законот кој гарантира зголемување на платите на здравствените работници кој го усвои Владата ќе ја подобри состојбата и ќе го зајакне достоинството на здравствените работници.