Универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ попладне од 17.30 часот, од Влада до Министерството за образование и наука, на марш обединето ќе ги бараат своите права.
УСС на УКИМ објави дека борбата на студентите е заедничка и дека само сплотени и заедно ќе успеат да ги заштитат нивните права и ќе ги исполнат нивните барања: издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.
– Ве очекуваме во четврток, по повод Меѓународниот ден на студентите, со почеток во 17:30 часот, да излеземе сите заедно, сплотени на голем студентски марш, каде тргнувајќи од Влада па до МОН ќе го завршиме нашиот марш и јасно и гласно ќе ги искажеме нашите барања. Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието, меѓу кои средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот. Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард, се наведува во објавата на УСС на УКИМ.
Претходно, во 13 часот, Клубот за младински прашања и политики во Парламентот ќе организира средба со Универзитетското студентско собрание чија цел е, како што изјави претседателот на УСС на УКИМ Славчо Темелковски за МИА, изработка на акциски план за подобрување на условите во студентските домови.
На средбата се очекува да присуствуваат директорите и претседателите на студентските домови и на сите универзитетски студентски собранија, пратеници, како и претставници на Министерството за образование и наука.
Студентски марш пред Влада, се бара зголемување на студентскиот оброк од 120 на 160 денари
Студентскиот отпор за правда на студентите денеска, во 17:30 часот пред Влада, организира студентски марш, по повод 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите, и воедно бара зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 120 на 160 денари дневно.
Тие ги повикуваат членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на денешната седница да ги прифатат амандманите кои се однесуваат за зголемување на износот на оброкот и продолжување на рокот, а не како што се предлага тој да биде до март-2023 година.
– Повторно ги повикуваме пратениците независно од која политичка партија се да ги прифатат амандманите на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, кои се однесуваат на зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари и продолжување на рокот за субвенциониран студентски оброк, а не како што се предлага истиот да биде до март-2023 година. Доста е од тоа 30 години политичките елити да мислат само на себе и да се хранат со октоподи, бифтеци и друго, а да нема пари за македонскиот студент, велат од Студентскиот отпор за правда на студентите.
Потенцираат дека не смее да се дозволи да се штеди на младите луѓе.
– Потребно е и итно решавање на другите наши проблеми како што е: износот на стипендиите, мерките за штедење на електрична енергија и условите во студентските домови. Доста е од приказни за работни групи, планови, одбори и слично, кога студентите гладуваат и смрзнуваат, велат студентите.
Тие нагласуваат дека студентскиот стандард мора да се подобри.