За 60 отсто е намалена популацијата на диви животни во светот од 1970 година до 2014 година. Тоа го нагласува во извештај Светскиот фонд за природа (WWF) кои предупредуваат на драматични и континуирани загуби и промени во биодиверзитетот.

За извештајот „Жива планета“, направен со Лондонското зоолошко друштво, следени се 4.005 различни видови птици, риби, цицачи, водоземци и влекачи.

Исчезнување на фауната е регистрирано на целата планета, но некои региони како тропскиот појас се посебно загрозени.

Во извештајот е регистрирано намалување на популацијата на диви животни за 58 отсто додека експерти во овогодишниот извештај предупредуваат за намалување од 60 отсто.

Во Јужна Америка и на Карибите има „застрашувачко“ намалување на популацијата на животни од 89 отсто за 44 години, пишува  во документот.

Во тој период исчезнале 23 отсто фауна во Северна Америка и Гренланд.

Во Европа, Северна Африка и Блискиот исток – 31 отсто. За губење на биодиверзитетот најмногу влијае прекумерно искористување и земјоделието, намалување на природните живеалишта, загадувањето и климатските промени.