Правната држава стана мисловна именка, а за само една година СДСМ и Заев успеаја да го урнисаат целосно поредокот во државата. Обвинителството и судството наместо да го гонат криминалот, станаа негови заштитници, работејќи како партиски испостави кои служат единствено да го амнестираат криминалот на СДСМ.
Ова се истакнува во денешното сооопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
– Боро Стојчев, градоначалникот шверцер од СДСМ е само последниот во низата амнестистарни од правосудниот систем во Македонија. Амнестиран како што беше амнестиран и неговиот шеф Зоран Заев во случајот „Поткуп“ во кој тој од струмички бизнисмен без срам бараше мито од 200 илјади евра. Тоа што Заев го правеше како градоначалник, продолжи да го прави и како премиер. Корупцијата и криминалот царуваат во државата, а сомнително доделените грантови од Фондот за иновации на блиски соработници и партиски послушници се само последниот пример за тоа како работи Заев. Без разлика на молкот од органите на прогонот, народот го памети и криминалниот тендер во здравството тежок 35 милиони евра. За неполни две недели Заев и СДСМ се обидоа од државата да украдат неверојатни 45 милиони евра, пишува во соопштението.
Натаму се додава дека Заев општиот грабеж во државата се обидува да го компензира со распродажба на националните и државните интереси.
– Иако ветуваше и се колнеше дека нема да дозволи промена на уставното име на државата, а се колнеше и во своите предци и идни поколенија дека нема да дозволи промена на идентитетот и јазикот, Заев го направи спротивното. Картелот во обид да го сокрие најбруталниот грабеж во македонската историја се откажа од македонското име, јазик, идентитет, историја, култура, но и од Македонците во соседството. Како што претходно лажеше дека нема да се откаже од се што е македонско, Заев сега ги лаже и манипулира граѓаните со референдумот, и најави дека и да не успее референдумот ќе продолжи со имплементација на одредбите од капитулантскиот договор со соседна Грција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија го обвини Заев дека од Македонија прави држава без минато и иднина само за да продолжи со грабежот на парите на граѓаните.
– Додека обичниот граѓанин се бори за парче леб, СДСМ ја задолжува државата со милионски суми само за да ги исплати најблиските соработници, медиуми, партиски послушници и државни функционери. Но, Заев и СДСМ се исплашени, знаат дека граѓаните нема да дозволат неговото криминално владеење да продолжи, знаат дека македонскиот народ ги прочита. СДСМ знае дека ќе дојде денот кога оние кои сториле криминал и оние кој го амнестирале истиот ќе одговараат за своите дела. Сепак Заев, најмногу се плаши од она на М, Заев е преплашен дека на крајот Македонија ќе победи, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Со сооопштение веднаш одговори и СДСМ.
– ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски упорно одбиваат да го поддржат успехот на Македонија и упорно се обидуваат да ја закочат македонската иднина. ВМРО-ДПМНЕ не само што не сакаат државата да оди напред, туку имаат и најмалку 30 црни сценарија преку кои сакаат Македонија да ја направат нивен заложник.
И натаму во сооопштението на СДСМ со редни броеви од еден до триесет реди обвинувања до најголемата опозициска партија дека „сака Македонија да остане изолирана и затоа се обидува да го кочи пристапувањето во НАТО и ЕУ“, „ВМРО-ДПМНЕ е навикнато да ги малтретира гласачите, па сака да го ускрати нивното право на референдум да одлучат за сопствената за иднината на државата“, „ВМРО-ДПМНЕ не сака независни медиуми и затоа пред референдум го блокира носењето на Законот за медиуми“, „ВМРО – ДПМНЕ сака небезбедни граници, конфликт и неизвесност…“ Итн.
Откако набројува „30 црни сценарија на ВМРО-ДПМНЕ“, во соопштението на владејачкиот СДСМ се додава:
– И покрај се, обидите на ВМРО ДПМНЕ да ја втурнува Македонија и македонските граѓани во темнина и изолација не успевааат. Црните сценарија се пробиени и граѓаните јасно ги препознаваат. Македонските граѓани и Македонија заслужуваат светла иднина и не смее да им биде одземена можноста да ја искажат својата слободна волја. Граѓаните ќе ја искористат можноста да кажат ДА за македонската иднина, да кажат ДА за ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот со Грција, се вели во соопштението од Центар за комуникации на СДСМ.