Итно и доследно спроведување на препораката од Комисијата на УНЕСКО за прогласување мораториум за градба на охридското крајбрежје од страна на општина Охрид беше барањето што активисти на граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и на здружението „Стар Лагадин“ денеска го побараа од локалната самоуправа.

Тие со транспаренти поставени пред општинската зграда, каде се одржуваше седница на Советот, одржаа мирен протест на кој ги изнесоа своите барања за целосна забрана на градење на крајбрежјето се додека не биде донесена соодветна планска документација, во согласност со стратегија за негов одржлив развој.

Нивна забелешка е дека локалната власт досега воопшто не се осврнала на задолжителната препорака бр. 6 од Извештајот на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО преточена во точка 7 од одлуката бр. 7B.34 усвоена на 41 седница на Центарот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска.

– Пораката од УНЕСКО беше да се прогласи мораториум за градење, се додека не се изготват планови за иден развој и градење согласно соодветна законска регулатива, односно додека не се донесат соодветни урбанистички планови, изјави Мирослав Котевски, претседател на Здруженеито „Стар Лагадин“.

Трајче Талевски, активист на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ од своја страна изрази загриженост поради незаинтересираноста на граѓаните на Охрид за тоа што и како се гради на крајбрежјето.

– Се носи урбанистички план за делот од поранешниот хотел „Парк“ до хотел „Славија“. Што ќе се гради таму, кој ќе гради, како ќе се гради, никој не е заинтересиран. Тоа е најлошото што му се случува на Охрид, граѓаните да се организираат за да се спречи уништувањето на крајбрежјето, истакна Талевски.

Една од препораките на УНЕСКО е токму прогласување мораториум за градење се додека не се донесат сите правни акти што ќе ја регулираат градбата на крајбрежјето.

– Премиерот неодамна нагласи дека ќе има мораториум за мегаломански планови. Не, УНЕСКО вели мораториум за сите објекти додека не се донесат сите правни акти што ќе ја уредат легислативата и ќе го валоризираат крајбрежјето како светско природно наследство, нагласи Талевски, барајќи од власта на сите нивоа поодговорен однос кон Охрид и Охридското Езеро.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски истакна дека општината во овој миг е на иста линија со граѓаните кои протестираат.

– Барем во овој момент ние немаме разидување со барањата содржани во нивното писмо до нас, заради тоа што со решение од 31 мај овој месец јас како градоначалник и Секторот за урбанизам се огласува ништовно одобрението за градба на хотел во Лагадин. Оттаму не ги разбирам причните за протест, рече Стојаноски.

Учесниците на денешниот протест најавија дека веќе во вторник ќе организираат многу поголем и поосмислен протест пред општината Охрид, со поворка од Лагадин до градот, со перформанс, се со цел да се привлече вниманието на јавноста за проблемот со неконтролираната урбанизација во градот и околната животна средина. Тие ги повикаа сите граѓани на Охрид да се вклучат во протестот за поголема масовност.