Притисок врз граѓаните и криминална агитација сред изборен молк, врши СДСМ за да ги принуди граѓаните да излезат на референдум, објави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

На вонредната прес-конференција беа пуштени телефонски снимки и пораки по мобилен телефон во кои вчера и денеска врз граѓаните се врши притисок и се повикуваат да излезат да гласаат. Притоа се објавува дека „бил постигнат некаков договор со опозициската партија“ граѓаните да излезат и да гласаат.

Стоилковски потсети дека никаков договор не е постигнат, туку дека тоа се само лаги и притисок од власта да си го покрие криминалниот договор со Грција.

Од ВМРО-ДПМНЕ е најавено дека за ова ќе има санкции и повика органите итно да преземат мерки за ова флагрантно кршење на законот и изборниот молк.