Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се во Берлин каде денеска ќе имаат средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак и германскиот канцелар Олаф Шолц.

– На покана на канцеларот Шолц, специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак ќе отпатува во Берлин за да се сретне со канцеларката, а потоа ќе одржи посебна неформална средба со претседателот Вучиќ и премиерот Курти, рече Петер Стано, портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Германскиот амбасадор во Приштина Јорн Рохде рече дека разговорите ќе се фокусираат на координирање на одговорот на рускиот напад врз Украина, политичките и економските односи и регионалната соработка.

Состаноците го поддржуваат и дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, рече Рохде.

Средбата во Берлин ќе биде прва средба меѓу Вучиќ и Курти од јули минатата година, кога се сретнаа во рамки на бриселскиот дијалог. Вучиќ и Курти минатото лето се сретнаа во два наврати, но двете средби завршија со меѓусебни обвинувања и не доведоа до резултат.