Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа изјави дека најавата на Приштина за укинување на динарот во Косово „е загрижувачки и ги доведува во прашање сите процеси“.

– Најавата што ја добиваме од Приштина дека се подготвени да размислуваат за откажување на платежните трансакции со централна Србија, односно забрана за користење на динари, да упаѓаат во нашите пошти во јужната српска покраина, не само што загрижува, туку ги доведува во прашање сите процеси, и нормализација и дијалог, изјави Вучиќ за новинарите од Србија во Давос, каде што учествува на Годишниот состанок на Светскиот економски форум.

Тој, како што пренесува Бета, додаде дека ова ќе биде клучната тема на средбата што ќе ја има вечерва со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.

– Како и кој, зошто и како се вооружуваат, што е направено во согласност со меѓународното право, што не. Многу е важно да постигнеме највисоко можно ниво на разбирање со САД, како водечка сила во светот, и ќе дадеме се од себе, рече Вучиќ.

Тој оцени дека утре ќе биде „најтешкиот ден“ во Давос – со многу неформални средби за Западен Балкан и светот, на кои ќе учествува и групата функционери од Србија кои се таму со него.

фото: архива