Кога ќе дојде на гласање во грчкиот Парламент, Договорот од Преспа ќе добие широко мнозинство, изрази убедененост спикерот на грчкиот законодавен дом, Никос Вуцис, говорејќи за грчкото радио „Реал фм“.

– Верувам дека македонското прашање и Договорот од Преспа ќе има пошироко мнозинство во Парламентот од она што сега се претпоставува, токму поради тоа што во следните месеци ќе има можност, почната со конференцијата во Министерството за надворешни работи, за клучни прашања за кои постојат логични, оправдани или друг вид на несогласувања да се појаснат прашањата и мислам дека ќе има поширок консензус, вели Вуцис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на несогласувањата и најавите на коалицискиот партнер во Владата, Панос Каменос, дека поради договорот ќе ја собори Владата, претседателот на грчкиот Парламент вели дека секој ќе треба да презеде одговорност.

– Кога ќе имаме таква разврска, односно кога ќе помине договорот низ сите тешкотии што постојат во соседната земја и кога ќе дојде за гласање во Парламентот, тогаш секој ќе ја презеде својата одговорност, рече претседателот на грчкиот Парламент и објасни дека „претседателот на државата нема некаква улога во конкретниот случај, а една Влада може да падне само со предлог за гласање недоверба“ како што беше иницијативата на Нова демократија.