Оливер СПАСОВСКИ

Државата е со граѓаните, а со нас денеска се нашите пријатели, мојот драг колега од Република Србија, Александар Вулин и српскиот помошник министер за кризни ситуации Лука Чаушиќ, кои ни испратија и 4 хеликоптери за гаснење на пожарите, кои ќе се приклучат на нашите два хеликоптера и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата.

Голема благодарност до Република Србија, која повторно се покажа како сосед за пример, подавајќи рака кога ни е најтешко и до министерот Вулин лично, за денешната посета, поддршка и помош за Република Северна Македонија, за нашите граѓани – особено е значајно кога човек во неволја не е оставен сам на себе. Затоа се со нас нашите пријатели, затоа ние сме со нашите граѓани.

Благодарение на функционалноста на системот, на професионалноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста при известувањето на медиумите, успеваме ситуацијата да ја ставиме под контрола.

И понатаму будно ја следиме состојбата, со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние кои допрва ќе стигнат од нашите пријатели и сојузници. Материјалната штета повторно заеднички ќе ја надоместиме, а безбедноста на граѓаните останува наш најголем приоритет.