Пристигнувањата на туристи на Кипар минатиот месец се намалиле за 30 отсто поради војната на Блискиот Исток и нападот врз воените бази во земјата, според потпретседателот на Здружението на туристички агенции на Кипар, Христос Христу, кој посочил дека се очекува пад на бројот на туристи да има и во втората половина на април и во мај, јави дописничката на МИА од Атина.
На прес-конференција во пресрет на саемот за туризам (Travel Expo Cyprus 2026), Христу се осврнал и на актуелната ситуација, посочувајќи дека „влезниот туризам во моментов страда“, со оглед на тоа што во март имало намалување од 30 отсто наспроти, како што објаснил, „предвидувањата за зголемување од 10 проценти пред војната“.
– Првата половина на април помина релативно добро поради католичкиот и православниот Велигден. Втората половина на април покажува значително намалување, исто како и мај, и сигурно оваа туристичка сезона ќе биде значително погодена, нагласил потпретседателот на Здружението на туристички агенции на Кипар.
По нападот врз британските воени бази во близина на кипарскиот град Лимасол на почетокот на март, голем број авиокомпании привремено ги откажаа летовите од и кон островот, имаше откажувања на резервациите, а пораките од официјална Никозија, тогаш беа дека Кипар е безбедна дестинација.




