Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, денеска од Преспа најави пријатни изненадувања на состанокот на Централниот одбор на партијата што попладне треба да се одржи во Охрид.
– Централниот одбор денеска треба да го избере Извршниот одбор на партијата, секретарите… Имавме консултации пред состанокот со заменик-претседателот и генералниот секретар, но мислам дека ќе има пријатни изненадувања кои се типични за левичарските партии и верувам дека тоа ќе биде убава кадровска импликација за да можеме да ги мотивираме и други политички партии и општеството да се менуваме кон подобро, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Преспа.