Премиерот Зоран Заев денеска повика постапката за помирување да се води низ транспарентен процес под будното око на јавноста за на крајот, како што рече, да успееме да направиме целосно помирување во општеството за да имаме подобра Македонија вредна за достоинствен живот.
Очекува дека во текот на следната недела ќе биде утврден составот на Комисијата за помирување во Собранието на Република Македонија. Според него, настаните во Собранието од 27 април минатата година биле кулминација на севкупната поделеност во државата и оти тоа е причината за отворање на процесот на помирување.
– Се усогласивме да формираме координативно тело во рамки на Парламентот. Веројатно во понеделник или на почетокот на идната седница на координациите ќе биде утврден неговиот состав, неговиот претседател, а пополека ќе се работи на деловникот и на сите детали, појасни премиерот.
Сите сме согласни, додаде тој, дека мора да се внимава на владеењето на правото, на судските реформи во државата и слично. Но, како што посочи, постојат начини како да се изнајдат алатки за помирувањето во државата да биде испратено пред се во највисоката инстанца, а тоа е Парламентот.
– Очекуваме по вертикала да се случи севкупно помирување во ова наше поделено општество, додаде Заев.
Се надева дека преку транспарентен процес ќе успеат да ги уверат пратениците, како Панчо Минов, дека нацрт-амандманите што треба да бидат поддржани се едноставни и јасни.
– Со пратеникот Минов отворено разговараме и тој ги даде своите сугестии, а генерално еден дел од нив се вградени. Очекував дека и тој ќе биде еден од пратениците што ќе гласа за потребата од промена на Уставот. Тој ја донесе одлуката и јас ја почитувам одлуката на секој пратеник, рече премиерот.
Во однос на барањата од БЕСА и Алијанса на Албанците за уставните измени, Заев рече овие барања предизвикуваат измени што не се од карактерот на идентитетот и Охридскиот рамковен договор, но оти пратениците имаат легитимно право да го побараат тоа.
– Ова апсолутно предизвикува суштински измени што не се од карактерот на јакнење на идентитетот или од карактерот на Охридскиот договор или слично. Сфативме и заклучивме дека тоа е нивно легитимно право. Тие, сепак, се опозиција и можат да го отворат ова прашање. Не мора да значи дека треба веднаш да биде затворено прашањето. Остануваме на располагање за отвореноста на ваквите прашања со конечна цел во градењето на едно општество за сите, нагласи Заев.
Тој апелираше да се продолжи со инклузивниот процес изразувајќи надеж дека напролет следната година ќе заврши протоколот со НАТО, а кон крајот на 2019 или почетокот на 2020, Македонија ќе стане полноправна членка на Алијансата.