Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш повтори дека прифаќа телевизиски дуел во кое било време и во кој било медиум со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски само доколку тој претходно се изјасни дали е за членство во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Преспанскиот договор, а ако не е за тоа, треба јасно да го каже и да понуди алтернатива.

– Подготвен сум во секое време и на секое место да дебатирам со Мицкоски, но чесно е тој да го каже својот став-дали е за членство во ЕУ и НАТО со поддршка од Договорот од Преспа и ако не е да ја каже алтернативата. Тогаш нека го избере медиумот, денот и терминот. Јас сум подготвен за соочување зашто тоа  е демократски чин, изјави Заев по националната конференција за децентрализација.

Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот рече дека Законот за амнестија, што веќе се дебатира, ќе се комплетира до крајот на оваа или почетокот на идната недела и со него јасно ќе се разграничи што значи учество во насилство, кревање рака, организација и осмислување упад во Собранието. Казни, како што рече, ќе има, но ќе се стави дистинкција на тоа што значи судска, а што политичка одлука.

-Конечната цел е да донесе помирување, подавање рака меѓу Собранието, но со тенденција тоа да продолжи и на вертикално ниво, и кај навивачките групи, и во општините и кај подмладоците во партиите, истакна Заев.

Според него, Законот за амнестија ќе испрати порака на помали казни, и амнестија за сите што не учествувале во насилството и не биле организатори.

-Членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката, казнувањето мора да постои, но и најважната порака е да нама мешање во правосудството, потенцира претседателот на Владата.

Заев порача грчкиот министер Каменос да му даде шанса на Преспанскиот договор, а бенефитите од неговата имплементација, истакна,  ќе се видат веднаш, по неколку месеци.

Во врска со ситуацијата во здравството, премиерот најави дека на 24 или 25 декември ќе има средба со ресорниот министер и синдикатите на кој ќе бидат отворени сите актуелни прашања.

Во врска со ситуаициата на Косово, Заев нагласи дека на регионот не му се потребни нови тензии. Тој воедно апелира до своите колеги, премиери, како што рече, да внимаваат на своите чекори.

– Да ја унапредиме економската соработка, да постигнеме траен мир, раст, развој и членство во ЕУ, порача Заев.