Премиерот Зоран Заев и актуелната власт се мошне креативни во изнаоѓањето изговори за тоа што Македонија е една од ретките земји која досега нема добиено ниру една доза вакцина против коронавирусот, освен двете пакетчиња што се подарок од Србија. Вакцините од лани требаше да пристигнуваат од „пријателските земји“, како што изјавуваше Заев, потоа препрека за испорака беше кинеската Нова година, а последното откритие на Заев и актуелната власт е дека „недоволото производство во светов“…

Бројот на новозаразени од коронавирусот и натаму е во пораст, особено во Охрид, Прилеп и Кавадарци каде што имаше најмногу случаи од британскиот сој на вирусот, кој брзо се шири. Според последната статистика, во Прилеп има 650 активни случаи, во Кавадарци 629, а во Охрид 438. Во Скопје и натаму има најмногу активни, и тоа 3930. Во Тетово 300, а во другите градови помалку од 300.

Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 726 случаи на коронавирусот од направени 3.144 тестирања. Починати се седум лица, а оздравени 368 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 526.870 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 103.746, бројката на оздравени е 91.875, а на починати е 3.151. Бројот на активни случаи изнесува 8.720.

Зголемен е и бројот на хоспитализирани. Во ковид-центрите во земјава се лекуваат 722 лица. Вкупно 297 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, а во ковид центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 425 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопштија вчера од Министерството за здравство.

Во Куманово хоспитализирани се 68 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 56 пациенти, во Прилеп 71, во Кавадарци 45. Во другите градови помалку.

На инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава има 386 празни болнички кревети. Во Скопје има 53 слободни места.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, додадоа вчера од МЗ.

Во тек е вакцинацијата на здравствените работници. Вакцина против Ковид-19 вчера до 13:30 часот примиле 2680 здравствени работници.

Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје, а се врши со вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.

Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ за вакцинација досега се пријавиле 71900 граѓани, а 46414 преку матичен лекар. Од вкупно пријавените 118314 граѓани за вакцинација, 56784 граѓани се на возраст над 70 години, информираат од Министерството за здравство.

За набавката на вакцините вчера се огласи премиерот Зоран Заев, кој истакна дека недоволниот капацитет на продукција и на фајзеровите и на сите други вакцини во светот е причина за доцнењето на вакцините кај нас.

-Верувам дека се навистина денови во прашање. Нашата земја има преземено се што е неопходно за да може час поскоро да набавиме вакцини, нагласи Заев.

Тој посочи дека последната на којашто се работи е вакцината на Астра Зенека.

 

– Ги имаме преземано дури и чекорите на линија на црвената граница во функција на количините, дури и ако треба да поминат количини кои на крајот не би се имплементирале, но да имаме нарачки на крај. Така беше последната нарачка за стоте илјади спутникови вакцини, но секако имаме дуплирани нарачки од Кина, 200 по 200 илјади вакцини, осумстотини илјади преку Ковакс механизмот, 833.000 директно со Фајзар којшто се склучени, договорите кои што ги имаме со ЕУ заради Западен Балкан… Кога ќе ги правите пресметките поминуваме преку два милиони вакцини. Проценките беа милион, значи сме направиле се што треба да направиме, нагласи премиерот.

Ковидот значително го зголемил бројот на граѓани кои бараат помош на Психијатрија, вели директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров во интервју за МИА.

Тој информира дека дел од граѓаните имаат потреба од психолошка поддршка поради нивната зголемена вознемиреност, страв, загриженост, напнатост, несигурност и нарушен сон поврзани со семеен член заболен од Ковид-19 или пак непредвидливоста на актуелната ситуација.

– Главно се работи за различни манифестации на анксиозност или влошување на состојби со кои претходно се соочувале. Родителите, пак, најчесто се загрижени за зголемена вознемиреност кај нивните деца, проблеми во нивното однесување и имаат потреба од совет за тоа како подобро би можеле да пристапат кон нив, објаснува доктор Бајрактаров.

За да си го олесниме овој период, тој препорачува, да се следат и да се споделуваат информации од релевантни извори, да се ограничи пристапот до социјалните медиуми кои може да ја зголемат вознемиреноста, да се споделуваат проблемите со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите.

Покрај следењето на состојбата со Ковид-19, власта се подготвува за изведување на статистичката операција попис на населението. На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата вчера го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година.

Протоколот, како што соопшти владината прес-служба, ќе предвидува мерки во сите три фази на пописот, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на Ковид-19.

Од МВР продолжуваат со казните за непочитувачите на мерката за носење заштита маска. Во текот на претходното деноноќие, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 422 прекршоци, соопшти МВР.

Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19.