Ова што се случува со „Рекет” покажува дека она за што се боревме со граѓаните, сите ние заедно, стапува на сцена, изјави премиерот Зоран Заев на Фејсбук по најновата снимка за оваа голема афера.

– Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот “Рекет” и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај. Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста. Уште еднаш, ги повикувам сите истражни органи во целост, ама во целост да го истражат случајот и да носат одлуки. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи, пишува Заев.

Тој натаму вели С. Македонија е подготвена за правда, колку и тоа да е тешко и трауматично:

– Правдата доаѓа. Секој ќе си одговара за сопствените постапки и тоа во фер, транспарентна и законита процедура. Во изминативе повеќе од две години како премиер, сѐ што правам е само и единствено во корист и интерес на граѓаните на земјава. Бидете уверени дека на непријателите на нашата земја нема да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, пишува Заев на Фејсбук.

Тој додава дека „секаде во светот, во било која земја каде власта одлучно и искрено создавала услови да се отвораат истраги против секого каде што имало и најмало сомневање, секаде било тешко и трауматично“.

Српскиот весник Курир на насловна страница објави дека Боки 13 предупредил ако нешто му се случи додека е во притвор, доказите се кај мајка му:

– Ако ме убијат, доказите против Заев се кај мајка ми, изјавил Бојан Јовановски на полицајците кога го привеле, објавува српски Курир на насловната страница.