ЗАЕВ ЗА СМЕНАТА ВО ЗДРАВСТВО: Со Филипче сега ќе станам поголем другар и ќе имаме повеќе време за нашата заедничка страст возење мотори

/ 05.12.2021

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција по договорот со Алтернатива, коментираше за Венко Филипче, со оглед дека тој во иднина нема да биде министер за здравство, затоа што со тоа место ќе раководи Алтернатива.

Заев кажа дека сега Филипче ќе стане поголем другар со него и оти ќе имаат време да се посветат на страста на возење мотори.

-Новите министри и новата влада нема да дојдат со мене како премиер, ќе дојдат со нов иден премиер на владата. Министерот Венко Филипче сега ќе стане подругар со мене, ќе имаме повеќе време да возиме мотори. Затоа што кога работите, немате време за тоа. Тоа е мој пријател, покрај тоа што е соработник. Како неврохирург може да биде корисен за здравјето, но има одлични знаење кои може да бидат употребени во периодот на општествено ниво. Доколку новите кадри кои доаѓаат и новиот премиер не сметаат на него, јас сметам на него, рече Заев.

Заев: Имаме 64 пратеници со изгледи мнозинство да расте

Во моментов сме 64 потврдени пратеници, верувам дека парламентарно може да достигне и 66, за тоа треба да одлучат пратениците, рече Зоран Заев, нагласувајќи дека парламентарно мнозинство е сега поголемо од пред изборите и е гаранција за стабилност.

– Убеден сум дека со најмалку 64 пратеници ја имаме најсилната гаранција за стабилно парламентарно мнозинство, а верувам и дека може да расте. Така што, избори во 2024 година, со убави резултати во економијата, напредок и совладани поглавја за Европската Унија. Тоа е нашето очекување. Моето останување во овој дополнителен период е заради обезбедување парламентарно мнозинство и мислам дека оваа работа ја завршувам. На 12 декември мојата партија СДСМ ќе има нов претседател. Се очекува да има нова влада што ќе предложи нови министри и ќе направи нов кадровски распоред, но откако ќе биде извесно со Бугарија. Во прашање се недели, истакна Заев на прес-конференцијата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши.

Во следните неколку недели, рече, Алтернатива ќе почне да ги презема одговорностите во институциите, ќе го зајакне парламентарното мнозинство и ќе може да се гласаат важни закони: за кризите –  енергетска, пандемиска и мигрантска, како и Буџетот за 2022.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши одговарајќи на новинарско прашање за мотивот да влезат во власта рече дека како политичка партија се соочиле со две опции – „или да одите на избори и да ја продлабочите кризата и да ги изгубите шансите за интегрирање на земјата, да се продлабочи енергетската криза и состојбата со пандемијата или да се одлучите да и помогнете на оваа власт и на државата“.

-Најлесно е да се критикува, најтешко е да се засукаат ракавите и да работите, рече Гаши, додавајќи дека она што ги определило е и тоа што владата првпат ќе достави службено барање до Европската комисија да пратат експерти за меѓународно истражување на судски случаи, затоа што, рече,  има сомнежи за судските одлуки и сомнежи за политичко влијание.

-Тоа што ќе не смири сите нас е правда и тоа правда која ќе биде резултат од меѓународни експерти, додаде Гаши.

На прашање дали и сега мисли дека оваа влада е криминална, Гаши одговори не може да се најде службен запис и соопштение кога тој употребил, како што рече, тешки зборови против Владата.

-Не мислам дека Владата во која влегуваме е совршена, ниту дека со нашето влегување во власта се ќе стане совршено, додаде Гаши.


Од истата категорија