Воислав ЗАФИРОВСКИ

Конечно и тоа се случи. Завршија предвремените парламентарни избори 2020 година, кои по се се разликуваа од се до сега, што заради заразата и проблемите со covid 19, што со вонредната состојба во која техничката влада предводена од СДСНЗ (Социјал демократски сојуз на нивната земја) доби и ја искористи шансата да го подготви изборниот инжинеринг.

Во оваа колумна ќе се осврнам на безбедносните предизвици кои стојат пред Република Македонија со еден ваков исход од до сега најконтаминираните предвремени парламентарни избори. Велам најконтаминирани затоа што купувањето и кражбата на гласовите, не само што започнаа далеку пред изборите, туку се злоупотребуваше и полицискиот час, под превезот на распределба на хуманитарна помош од страна на активисти, пред се на СДСНЗ. Неспособноста на техничката влада и техничкиот премиер дојдоа до својот зенит оној момент кога своите политички предизборни проекции, на секаков начин се обидоа да ги финансираат преку доделување грантови на НВО, кои до денес, освен што сигурно ги земале парите, немаат испорачано ниту една активност за тие пари; со платежната картичка чие издавање го темпираа со периодот на изборната кампања, како и со други популистички мерки од вработувања, се разбира без договор за работа, лажни ветувања, што в’прочем е тридецениска практика на секоја владеачка гарнитура до сега.

Исто така, во овој контекст имаме лични сознанија за тоа дека во Струмичко и Радовишко, од локалните власти и шумската полиција на припадниците на ромската заедница им се овозможува бесправна сеча на дрва; се купуваа гласови и за кеш; буквално неписмени луѓе полагаат и положуваат возачки испит на прва; се закануваат на вработени во администрацијата, дури и од дома се зимаат со автомобили и се носат на гласање, и тн.и тн. и се знае кој е условот – глас за СДСНЗ. На сето тоа надлежните институции знаеа, но не интервенираа, напротив, тие го помогнаа изборниот инжинеринг, што ги прави соучесници во оваа лакрдија од избори.

Не, немам намера денес да говорам за тоа, ниту за менувањето на границите на изборните единици во очи на распуштањето на Собранието, сакам да говорам за сериозните безбедносни импликации кои произлегуваат од актуелниот исходот на изборите а допрва ќе следуваат.

Имено и до сега СДСНЗ беше уценуван и условуван од ДУИ – или ќе ги прифатите нашите барања, или ќе одите во опозиција, но сега, во вакви услови тоа ќе биде многу поизразено и кој знае до каде ќе одат апетитите на радикалните елементи во ДУИ, сите знаеме дека немаат крај, а толку колку што Заев е од збор, колку е и Мицковски расположен да учи од Ахмети, повеќе од јасно е дека победник на изборите е ДУИ, а во владата дали de jure или de facto, се едно, кормилото, како и до сега ќе биде во рацете на Ахмети.

Ова е многу опасно, ако се има предвид дека ДУИ веќе подолго од една деценија е на власт, а упорно правејќи паралелен не лојален општествен систем во Македонија, веќе направи доволно штета во сферата на функционирањето на правото и правната држава, како и во сферата на безбедноста.

Слушаме дека и СДСНЗ и ДПНЗНЕ (Демократска партија на нивната зенја за национално единство) ќе се залагале за борба против организираниот криминал и корупцијата, ќе донеле правда во Македонија!

Самото по себе да не е жално, ќе беше многу смешно.

Како можат тие кои во јавноста се познати како креатори на коруптивниот систем во државата на сите нивоа, да поведат војна самите против себе?!

За потсетување, пријавата против Мицковски се уште е во некоја фиока на некој јавен обвинител кој чека ишарет од тајниот обвинител за истата да ја извади од фиоката; дали некој мисли дека јавноста е глупава и заборави што виде и што се’ се изнаслуша за Заев, за евро за Вицето, за шпекулациите за нивната инволвираност во аферата “рекет”, што значеа очигледните и намерни пропусти во истражната постапка, особено не вештачењето на телефонот на Боки 13, и слично?!

Тоа му доаѓа како оној бугарскиот виц кој беше актуелен пред три децении “тези дупче, не е дупче”. Не, Македонецот има добро памтење, не може повеќе да се игра на картата кратката меморија, тоа што го видовме и слушнавме, дури и на не сакање се врзува со името на Заеви.

Едноставно од луѓе кои три децении во политиката активно практикуваат едни исти практики, од ликови кои се однесуваат како богови и најнапред самите на себе си прават брада, а потоа од тоа што ќе остане по некое влакненце за другите (ако не верувате, прашајте го Анѓушев), не може да очекувате тие да поведат, а камо ли да водат ефикасна и ефективна борба против корупцијата и организираниот криминал. Тоа е не возможна мисија, не споиво по ниту еден основ.

Сведоци сме дека секојдневно се вадат т.н бомби како за опозицијата, така и за позицијата. Тоа значи дека се уште службите спротивно на Уставот и законите прислушуваат и ја нарушуваат приватноста на луѓето, за што Уставот и законите даваат гаранции.

Наместо власта и опозицијата да се извинат на граѓаните и да изнајдат законска можност да ги обесштетат прислушуваните, тие упорно и без срам продолжуваат да се прислушуваат и да си подметнуваат едни на други, покажувајќи кој од кого е покорумпиран, кој од кого е поголем лажго, кој од кого е поголем крадец.

До сега партиското обвинителство и судство на СДСНЗ, не даде одговор кој тоа и каде прислушува, дали институциите на државата или некои партиски структури имаат прислушни уреди па си подметнуваат бомби едни на други.

Се додека јавно не се обзнанат прислушкувачите, а особено тие што од сенка издаваат наредби за тоа, Македонија не може да биде слободна, ниту може да се ослободи од организираниот криминал, од уцените, од корупцијата од рекетот, ниту пак има елементарни претпоставки да биде правна држава.

Некако covid кризата како да ја стави во сенка бегалската криза, а не очекуваат сериозни премрежја во кои се заканува сериозна бегалска криза. Низ јавноста се шпекулира дека квинслишката влада на Северните од Македонија веќе тајно склучиле договор за прифаќање на 500.000 бегалци и нивно сместување во Македонија…дури на ТВ екраните се вртеше некој спот со извесна Сиријка како успешно е вдомена во Македонија…леле, колку среќна приказна?!

Што треба тоа да значи?! Подготовка на јавноста за реализација на таквиот договор за кој гласно се шпекулира, а никој не демантира?!

При тоа дали некој се прашал во каква состојба денес се наоѓа Македонија?! Здравствените власти, нагласувам здравствените власти, не здравствените работници, ја губат битката со covid заразата; економијата е на самото дно во Европа и регионот, Македонија е на самиот раб на рецесија; невработеноста расте и е највисока во регионот; земјоделието е со трајни последици, во отсуство на зелена нафта, на квалитетен семенски материјал, на средства за квалитетен третман на посевите, голем дел од нивите пролетва останаа не насадени, а земјоделците се демотивирани и оставени без грижа од државата; системот на социјална помош е не функционален и се распаѓа…и во вакви околности, вдомување на нови 500.000 емигранти Македонија не само што не може, едноставно не смее да прифати, особено што генерално со толкава бројка ќе се промени демографската структура на населението, а да не говорам за безбедносните ризици од инфилтрирање на екстремистички елементи кои се темпирна бомба за мирот и стабилноста не само на Македонија, туку и за целиот регион, вклучувајќи ја и Европа. Зачудува односот на ДПНЗНЕ кои по ниту едно од спомнатите прашања не реагираат, барем не соодветно и навремено. Напротив, молчат како и тие да се дел од прикаската.

Токму затоа, македонската јавност мора да знае дека СДСНЗ и ДПНЗНЕ се лицето и опачината на една иста паричка во џебот на ДУИ, дека едните и другите се заложници на сопственото криминално, клиентелистичко минато, а веројатно таква ќе биде и нивната заедничка иднина

Конечно, СДСНЗ и ДПНЗНЕ должат многу, навистина многу одговори на Македонскиот народ за тоа како, на кој начин ќе се справат со безбедносните предизвици кои и се закануваат на Македонската држава и Македонскиот народ во периодот кој претстои.

Јавноста има сериозни сомнежи дека СДСНЗ и ДПНЗНЕ имаат капацитет, имаат кадровски и човечки потенцијал, се сомнева дека имаат стручност и искрена желба да се справат со предизвиците кои стојат пред Македонија и најстрашното сомневање, дека и едните и другите одработуваат нечија друга агенда, спротивна на националните интереси на Македонската држава и Македонската нација. Дека тоа не е така, ќе треба да излезат, јавно, гласно и детално да го објаснат на Македонската јавност…молчењето само ги јакне отворените сомнежи.