Воислав ЗАФИРОВСКИ

Долго размислував дали вреди да се пишува на темата Рекет, за инволвираните во аферата, особено за Јанева и генералите кои “после битката” почнаа јавно да ја плукаат и да се откажуваат од неа, како св. Петар од Исус.

Сепак решив да напишам нешто, внимавајќи да не се повторам од мојата прва објавена колумна за изборот на Јанева за специјален јавен обвинител и тоа уште утредента по нејзиниот избор, а така одлучив, бидејќи навидум се е чисто, а смрди од тука до Брисел, до Берлин и до Вашингтон.

Секому му е јасно, освен на уставните судии кои молчат по иницијативата за оценка на уставноста на СЈО, дека СЈО е туѓо тело во правосудниот поредок на Република Македонија, тоа е вон матерично вундеркопиле, создадено со политичка одлука на четворица “политички лидери”, од кои двајца во тој период на креирање на СЈО беа со обвиненија и се водеше судска постапка против нив. Пратениците, оние во Собранието без поговор ја прифатија креатурата СЈО и ја прикажаа како своевиден врв на демократијата на патот кон расчистувањето со криминалот и корупцијата, а за специјален јавен обвинител (Груевски, Заев, Ахмети и Тачи си) ја избраа најблагонадежната од сите кандидати – Катица Јанева, анонимус во фелата, дипломиран правник со просек шест, со положен правосуден испит, а не позната ни за голем број елитни правни имиња во земјата.

Тогаш, во колумната напишав – Бог да ни е на помош со ваков специјален обвинител, што ќе шефува на обвинители кои во секој поглед, по секој параметар се постручни и покомпетентни од неа.

Во тоа време сите, а особено стручната јавност, се трудеше не само да најде убави зборови за Јанева, туку се обидуваа на секаков начин да и ги понудат своите услуги…”стручни” лица од областа да и служат како вазали?!

Јанева го наполни СЈО со свои роднини и пријатели (чинам непотизам се нарекуваше таквата појава и директно е врзана со корупцијата), со добри обвинители и секако со силен професорски, адвокатски и истражен кадар, за кои јавноста и денес не знае какви, колкави и за што се’ имаат земано хонорари и надоместоци.

Сега кога пукна аферата, најнапред тимот обвинители од СЈО се откажа од Јанева, за потоа да слушнеме од еден куп нејзини соработници, професори и адвокати, да дознаеме дека таа ни од далеку немала капацитет да се носи со улогата Специјален јавен обвинител.

Сега, кога и малите деца и го можат, сега најдоа да ја лаат?! Каде беа до сега, еден да се најдеше и да кажеше, еј свестете се, женава е ограничена како отсечка и не може да се носи со обврските на специјален јавен обвинител, не, до обелоденувањето на аферата никој лош збор не кажа за неа.

Сега е лесно да се плука по неа без промашување, но истите тие треба да дадат отчет за до сега земените хонорари.

Неколку збора и за професионалните и не селективни институции на државата.

Најнапред, Вилма Русковска, која ги имала снимките на располагање повеќе од 40 дена, со прст не мрдна да ја оневозможи Јанева да влијае на сведоци и да уништува докази. Дури откако притисокот на јавноста ескалира до степен „се у п. м.“ се “одважи” да побара притвор за Јанева.

А дека обвинителката Русковска нема идентичен аршин кон сите, како за потсетување, Душко Лазаров, обвинет за настаните од 27. Април, не доби дозвола од дотичниот лик да појде на погребот на неговата мајка. Професионално до балчак.

Директорката на УЈП, Лукаревска дури на 23. Август испрати службеник на Тредичи да му врачи Решение за проверка на документацијата на неговата НВО?! Еј, дали некој од УЈП знае што значат 40 дена слободен простор за уништување на докази и влијание на сведоци?!

Оваа активност на УЈП мораше да се реализира веднаш и без одлагање од денот кога во ја добиле пријавата, а во соработка со Обвинителството!

Имајте предвид, 24, 25 и 29 Август се не работни денови, така што оваа активност инспекторите на УЈП нема да можат да ја заокружат барем до средината на Септември, особено што сомнежот дека голем број докази веќе се уништени е сериозно голем.

На што упатува ваквата инертност и аљкавост на надлежните институции?! Упатува на заклучок дека во целата приказна има замешано луѓе од власта кои Заев не сака да ги пушти низ вода, што е и до сегашна пракса на премиерот.

Сега ќе излезе на виделина дека случајот и не го пријавил Заев, како што тој тврдеше, туку регуларно случајот е пријавен и документиран од Орце Камчев.

Ако имаме предвид дека Заев прв застана во одбрана на Јанева, како самиот тој да е Катица, дискутабилна е и неговата улога во целиот тој случај.

Има уште многу прашања од типот „зошто“, одговорите се насетуваат, но до сега никој не ја убеди јавноста дека политичкиот врв цврсто е решен да го расчисти случајот до крај, да се излезе со сите инволвирани, употребени или злоупотребени…со правнички речник кажано, да се излезе со имињата на идејните творци на тргувањето со влијание, како и со имињата на сите учесници и соучесници во валканите дворски игри.

Најмалку во тоа не убеди и Републичкиот јавен обвинител Љубе Јовески, кој се обиде со една бледа, исплакната прес конференција, наместо да ги каже аргументите со кои располага обвинителството и да објасни зошто толкава инертност, без никој да го праша, затоа што до тогаш као никој и не се сомневаше, почна да се правда дека како обвинителство немале никаков политички притисок, а на сето згора ја поткрепи и приказната на Заев дека токму тој го пријавил настанот, што на крај, убеден сум, ќе излезе дека не е така.

Јавноста многу очекуваше од СЈО, тоа не го положи испитот на зрелост, затоа што таа што го раководеше, исто колку и тие што се договорија да ја постават на таа функција излегоа недоветни и неодговорни кон историската шанса што им се пружи – СЈО во рок од 5 години да ги сработи најсложените случаи што произлегуваа од нелегално снимените разговори, за кое време редовното Обвинителство требаше да се реформира и да излезе од институционалната клиничка смрт во кое се наоѓаше. Сега имаме мртво СЈО, Обвинителство кое се уште е во клиничка смрт, не функционално, неефективно и неекспедитивно.

Каде е сега претседателот за реформи во правосудниот систем да понесе одговорност за состојбата во која е вовлечена државата?! Или можеби и натаму одговорност ќе бараат од Груевски кој го пуштија без ничија одговорност да си замине во Будимпешта или можеби од Мицковски…или како до сега од тој што ги направил и емитувал снимките, како и до сега ќе се прашуваат кој со кого се видел, кој со кого кафе пиел, кој со кого прави зделки и им ги расипува нивните?!

Реков пред пет години кога ја именуваа Катица Јанева за специјален јавен обвинител – Бог да ни помогни!

Истото го велам и сега, бидејќи тие глувци што беа со Јанева на бродот, за цело време цицаа од издашната каса на СЈО, а дури сега, кога бродот им потона, лесно е да бидат генерали и да кажуваат дека таа била не стручна, биле не компетентна…да го кажуваат тоа што пред пет години требаше да го кажат, бидејќи беше видливо од авион. Срамота!

И за крај, претседателот на комисијата за реформи во правосудниот систем Зоран Заев, не го обвинувам за тоа што не сфатил дека Јанева е без правна стручност и компетентност, бидејќи таа со своите скромни познавања на правото, знае повеќе за правото од премиерот. Не, не алудирам на тоа дека од правен аспект тој е аналфабет, сакам да кажам и да го оправдам – тој не е правник.

Затоа и еден совет до него, да не се плетка во работи што не ги разбира и да не ги слуша многу тие што му го билдаат егото и му ја хранат суетата. Секогаш е разумно да се подума човек за критиките што му се упатуваат, впрочем секоја аргументирана критика е добронамерна. Злонамерно е критизерството.