Мора да се надминат недоразбирањата со Македонија и не е во ред во 21. век да се победува на избори со кампања против соседни земји, вели министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, зборувајќи за односите меѓу Скопје и Софија во интервјуто за „24 часа“.

-Немаме друг избор. Мораме да пребродиме. Ние секогаш ги поддржувавме дури и во најтешките моменти, ќе продолжиме и сега така да правиме. Не сакав толку многу да се водат преговорите пред медиумите, што доведе до тешка реторика, затоа што тогаш е тешко да се откажеш од изговорените зборови. Јас разбирам дека честопати зборуваме за сопствената публика, но не е во ред во 21 век да се победи на избори со кампања против која било од вашите соседни земји. Ова не може да продолжи вака, вели Захариева.

Таа одговори на повеќе прашање за затегнатите односи меѓу Скопје и Софија и можностите за надминување на недоразборањата. Според Захариева, во основата на проблемот е „воспитување на генерации со омраза кон Бугарија и Бугарите“.

-Со Македонија се чини дека има нешто што не е доречено и завршено во последниве години, иако ова не е само во последниве години, вели Захариева.

На прашање дали Србија и Бугарија водат студена војна на територијата на Македонија, Захариева одговара одречно, ама вели дека не е тајна дека Белград има силно влијание во Скопје.

-Бугарија не води војна сигурно. Ниту со Македонија ниту со Србија, ниту со кој било друг дел од светот. Но, не е тајна дека силното влијание на Белград со Скопје секако има тенденција кон српскиот јазик, српскиот бизнис и институции. Овој тренд не запре во последните 30 години, што е разбирливо. Но, целта на Бугарија не е да ги расипе нивните пријателски односи. Нека бидат пријатели. Ние само сакаме да имаат пријателски однос и со нас. Ајде сите да бидеме пријатели. Да бидеме поврзани, да градиме заедно. Не може да немаме железничка линија со Македонија. Тие не можат да создаваат административни бариери за бугарските компании. Обидот Бугарија да се претстави како историскиреваншист на 19 век е крајно неприфатлив, бидејќи нашите проблеми се реални. Со Србија, до крајот на оваа година, конечно ќе имаме автопат од Софија до Белград. Ние имаме добри односи со Србија. Но, се разбира, ние секогаш го покренуваме прашањето за бугарското малцинство, за пристап до образование и учебници на мајчин јазик, одговара Захариева.