Судот во североисточната кинеска провинција Лиаонинг денеска ја потврди смртната казна за обвинетиот канадски трговец со дрога Роберт Лојд Шеленберг, јави ДПА.

Апелацискиот суд соошпшти дека ја потврдува смртната казна што против Шеленберг беше изречена во јануари 2019 година.

Во последна инстанца оваа пресуда треба да ја потврди и Врховниот народен суд на Кина.

Шеленберг првично, во 2018 година, доби казна од 15 години затвор, пренесува ДПА. Меѓутоа, се покажа дека оваа казна е премала, набрзо откако Менг Ванжоу, главната финансиска директорка на кинескиот телеком гигант Хуавеи, беше уапсена во Канада. Ќерката на основачот на Хуавеи, Рен Женгфеи беше обвинета за банкарска измама во САД во врска со кршење на санкциите против Иран.

Сега во Канада се води судски процес за тоа дали кинеската бизнисменка да биде екстрадирана во САД.

Од апсењето на Менг Ванжоу, уште двајца Канаѓани се задржани во Кина, поради што Пекинг е обвинет за „заложничка дипломатија“. Поранешниот дипломат Мајкл Ковриг и бизнисменот Мајкл Спавор во меѓувреме беа обвинети за шпионажа.