Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44-тата пленарна сесија што се одржува во Кина на властите во Македонија и Албанија им одобрија дополнителен рок да постапуваат согласно препораките на Реактивните мисии на УНЕСКО, со што Охридскиот регион не беше поместен на Листата Светски културни и природни богатства во опасност.

Одлуката надлежните институции ја прифатија со задоволство што, како што посочија, се дава можност да се продолжи во исполнување на зададените препораки од Реактивните мисии на УНЕСКО, но и што таа претставува потврда на сработеното изминатите неколку години.

Власта, пак, го искористи ова за промоција на тоа што (не) направила во заштитата на култрусното наследство во Охрид и регионот. За премиерот Зоран Заед одлуката на УНЕСКО е најсилно предупредување дека е потребен постојан ангажман и вложување на сите чинители во заштитата на Охридскиот регион.

Тој најави дека во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилат соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

-С. Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока. Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што, како што додава, тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Според него, со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото, вели тој.

Министерот за животна средина Насер Нуредини изрази благодарност што биле препознаени вложените напори и е даден дополнителен рок за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки.

-Драго ми е што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство. Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација, рече тој, повикувајќи ги сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации и субјекти да се вклучат во заштитата на регионот со очекување на позитивен извештај во иднина.

Министерката за култура Ирена Стефоска посочи дека со одлуката двете држави се обврзуваат да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.

-Остануваме впишани на престижната листана УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа, вели таа најавувајќи засилена конкретна соработка со Албанија, но и интензивна координација со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување со Охридско-Струшкиот Регион.

Вицепремиерот Артан Груби ја посочи потребата од исполнување на обврските и да спроведување на препораките, за да нема слични ситуации во иднина.

Тој во објава на својот фејсбук-профил пишува дека Комитетот на УНЕСКО ги признал нашите напори и го одобрил предложениот амандман за завршување на започнатата работа и целосно спроведување на препораките и ги поканува сите странки за соработка и за придонес за заштита на езерото и целиот регион.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, пак, изрази задоволство што со консензуалната одлука на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО за Охридскиот регион се препознаваат и потврдуваат сите досегашни заложби во исполнувањето на дадените препораки.

 

Ова особено се однесува на успешните и сериозни активности кои Општина Охрид ги реализираше во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство. За мене оваа одлука е нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија, кои ќе значат зачувување на статусот на светско наследство, што веќе 40 години го поседува овој регион, објави Георгиески на неговата официјална фејсбук-страница.

Можност да се обрати пред Комитетот на УНЕСКО вчера имаше и претставник на неформалното еколошко движење „Охрид СОС“ кој изрази отворено негодување, со забелешка на тоа што им е ускратена можноста да се обратат пред да биде донесена одлука.

-Во 2019 година со вашата одлука за Охридскиот Регион овозможивте дополнителни две години бетонирање на брегот на Охридско Езеро, дополнителни две години влевање гнасотии во неговите води и дополнителни две години трупање отпад во супстандардните депонии во неговиот слив. Истовремено прифативте дополнителни две години изговори, одложувања, лажирање, заблуди и кревки планови што обезбедуваат заштита само на експлоатацијата на регионот. Оваа исклучителната универзална вредност му припаѓа на целото човештво. Кога ќе сфатите дека со овие ваши постапки губите и вие?, рече претставникот на „Охрид СОС.