Буџетот е во ужасна состојба штом владата на Заев воведува нови даноци и такси. После најавената зелена такса на горивата, сега најавуваат и нов зелен данок, што ќе удри директно по џебот на народот.

Ова се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

-Оваа мафија на власт нема врска со никаква зелена агенда, нив ги интересира само како под прикритие на зелени давачки, такси и даноци, да исцицаат повеќе пари од народот, за потоа да ги трошат за мебел, службени возила, хонорари или матни тендери кои одат кај фирмите блиски до власта на Заев. Новата такса на горивата во висина од 4 денари по литар гориво, која тие сакаат да ја претстават како зелена, а всушност е кризен данок и дополнителниот зелен данок се грабеж на стопанството и граѓаните, се вели во реакцијата.

Натаму во соопштението се додава:

-Изминатите 4 години потрошија 4 буџети од околу 15 милијарди евра, ја задолжија државата за нови 2,4 милијарди евра и долгот го искачија на неверојатни 7 милијарди евра и пак ништо не направија. Тие се неспособни и неодговорни во трошењето на народни пари и затоа и овие нови даноци кои им ги наметнуваат на граѓаните не смеат да поминат. „Зелениот“ грабеж кој го прави власта на Заев нема врска со екологија, туку има врска со криминалот на оваа клика на власт, пишува во соопштението.