Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ја очекува посетата на неговиот француски колега Емануел Макрон на Киев за да разговара со него во врска со неколку точки на соработка, особено како најефективно да се зајакне заштитата на украинското небо.

„Ако француските авиони со француски пилоти можат да го заштитат небото на Израел, зошто француските авиони не можат да го заштитат небото на Украина. Но, во секој случај, неопходно е таквите иницијативи да доаѓаат од личноста од која зависи одлуката. И Емануел Макрон сè уште не разговарал за овие точки со мене. Тој вети дека ќе дојде во Киев и тука ќе имаме можност да го направиме тоа“, изјави претседателот на Украина во интервју за познатиот француски медиумски блогер Хуго Травер, на прашањето за можноста за испраќање француски војници во Украина.

Зеленски изјави дека не е во надлежност на украинскиот претседател да ја повика француската армија во Украина.

„Немам право да кажам дека утре француската армија треба да биде во Украина со полна сила и да се бори за нас, едноставно немам право на тоа и затоа никогаш не го покренав ова прашање“, рече тој.

Што се однесува до другите точки на соработка, како што наведе, тие се пред се мисии за обука на воени инструктори од Франција, пренесува Укринформ.

Макрон требаше да ја посети Украина во февруари, но потоа посетата беше одложена, според медиумите, од безбедносни причини. Подоцна, средината на март беше спомната меѓу можните датуми.

Зеленски рече дека е уверен оти ќе се најде формат за разговор со Русија за одлуките што водечките земји во светот ќе ги договорат на Мировниот самит во Швајцарија, кој беше најавен за 15 и 16 јуни.

– Ако по првиот самит заминеме со разбирање дека имаме точки за кои сите се согласуваме… Ако на маса има земји кои навистина сакаат мир и бараат праведен мир од Русија, тогаш документ со нашата визија ќе биде подготвени и ќе дојде моментот кога за тоа ќе се разговара со претставници на непријателот – рече Зеленски.

Според Зеленски, повеќе од 80 земји во светот ќе можат да постигнат договор за најмалку три точки од Формулата за мир.