Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ја истакна силата на неговата земја во отпорот на руската воена инвазија, 33 години по усвојувањето на Декларацијата за суверенитет на Украина.

– Нашата земја никогаш нема да се откаже од суверенитетот. Ова веќе им е јасно на сите во светот, рече тој во својата дневна видео порака, емитувана синоќа во Киев. Зеленски уште еднаш им се заблагодари на војниците кои се бореле за земјата, пренесе ДПА.

На 16 јули 1990 година, украинскиот Парламент усвои документ за независност на земјата, која тогаш сè уште беше дел од Советскиот Сојуз.

Според документот, Украина треба да има своја армија и своја национална банка, но да биде неврзана и да не поседува нуклеарно оружје. Во своето вечерно обраќање, Зеленски исто така рече дека Украина ќе се залага за својата слобода, независно од рускиот терор.

Во 1991 година, додека Советскиот Сојуз се распаѓаше, Украина ја прогласи својата независност. Зеленски рече дека ја гледа Украина како пример и пионер за слободата и демократијата во Европа.

– Украина ќе обезбеди вистинска слобода и безбедност од рускиот терор низ Европа. Безбедноста на нашиот континент почнува овде со суверенитетот и силата на Украина, нагласи тој.