Силен земјотрес со интензитет од 6,8 степени по Рихтер ноќеска беше регистриран во близина на островот Закинтос во Јонското Море во Грција. Потресот беше почувствуван и во Македонија, Албанија и Италија. На силниот земјотрес му претходеше уште еден со интензитет од 5,1 степен по Рихтер, по што следуваа серија на земјотреси во јужниот дел на Грција.

Првиот земјотрес бил регистриран половина час по полноќ бил со јачина од 5,1 степен, а најсилниот бил неколку минути пред еден часот рано утрово, со интензитет од 6,8 степени.

Епицентарот на земјотресите е на педесетина километри југозападно од Закинтос на длабочина од 10 и 12 километри.

Грчките медиуми јавуваат дека снабдувањето со електрична енергија на островот било прекинато, имало материјални штети, а исплашените жители излегле на улиците. Засега нема подетални информации за евентуално повредени.